(ВИДЕО) Наскоро ќе се отвори првата линија на метрото во Солун – објавено видео од пробното возење

74

Жителите на Солун по 18 години чекање конечно ќе можат да го користат метрото за превоз низ градот. На социјалните мрежи е објавено и видео од пробно возење на првата линија на солунското метро.

На видеото се гледа „движењето на возот од станицата Папафи до другите станици, како и трасата низ која минуваат возовите“.

Должината на линијата на метрото во Солун е 9,6 километри и има 13 станици и едно складиште на возниот парк каде што ќе се паркираат возовите по завршувањето на услугата.

Сообраќајот ќе се одвива со 18 автоматски возови од најновата генерација, без машиновозачи, целосно климатизирани, а за максимална безбедност на патниците, на пероните на секоја станица ќе бидат поставени автоматски врати.

Првично возовите ќе сообраќаат на секои три и пол минути, а потоа интервалите постепено ќе се скратуваат. На крај патувањето меѓу двете метро станици ќе трае околу минута и половина.

Дневно ќе сообраќаат 18 автоматски возови со просечна брзина од 30 километри на час, растојанието меѓу терминалните станици ќе го поминуваат за 17 минути и ќе превезуваат 18.000 патници на секој час.

Се очекува метрото дневно да превезува 313.000 патници, што ќе придонесе за решавање на сообраќајниот проблем во градот.

Министерот за инфраструктура и транспорт Никос Тачиадос објасни дека метрото во првата фаза ќе го реши проблемот со пристапот до центарот на Солун. На овој начин ќе се олеснат сите улици кои водат до центарот на градот, што ќе и овозможи на градската управа на Солун да продолжи со плановите за одржлива урбана мобилност.

Вкупната вредност на проектот е 2,082 милијарди евра, а цената на билетот, како што најави министерот за инфраструктура и транспорт, Христос Стаикурас, ќе биде половина од онаа на Атина и ќе изнесува 0,60 евра.