Аналитичари: Mожно зголемување на цените на челикот и алуминиумот

31

Најавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за воведување царини од 25 отсто за сите стоки од Канада и Мексико може да доведат до зголемување на цената на челикот и алуминиумот во Америка, објавија аналитичарите на американската компанија за финансиски услуги „Ситигруп“.

Растот на цената на споменатите метали, поради заканата на Трамп за високи царини, се очекува бидејќи Канада и Мексико се најголемите добавувачи на алуминиум и челик за САД, објави Блумберг. Американската агенција наведува дека САД добиваат околу 70 отсто од алуминиумот од странство, од кои 60 отсто доаѓаат од Канада.

Од друга страна, увозот на челик сочинува 24 отсто од потребите за челик во САД, при што Канада обезбедува околу една четвртина од таа количина, а Мексико околу 15 отсто.

Новите царини на Трамп најверојатно ќе предизвикаат пораст на цените на челикот за 100 до 150 долари за тон, изјавија  аналитичарите, додавајќи дека истото важи и за алуминиумот.

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум навести дека нејзината земја би можела да одговори на заканите на Трамп за царини со свои воведувања, предупредувајќи дека економските последици ќе бидат страшни.

Со оглед на тоа што САД се главен извозник на челик во Мексико, аналитичарите велат дека какви било одмазднички тарифи повеќе ќе им наштетат на американските фабрики, особено на оние што произведуваат производи од лим.

За владата во Отава, американскиот пазар е најголем кога станува збор за извоз на метали и минерали, а алуминиумот, железото и челикот сочинуваат речиси половина од тие метални пратки. На пример, во 2022 година, Канада извезла метални руди, минерали и нуспроизводи во САД во вредност од околу 59 милијарди канадски долари (околу 42 милијарди долари), според податоците на канадската статистичка служба, пренесува Танјуг.