Во 2027 година, на местото на хотел Југославија, Белград ќе добие нов хотел – луксузен Риц-Карлтон, со 190 соби, две кули, деловна зграда со 34 ката, станбена зграда со 42 ката и пристаниште на Дунав.
Договорот за оваа градба вчера го потпишаа претставници на Мериот Интернешнл и Дунав Риверсајд. Според РТС, инвестицијата е вредна близу половина милијарда евра.
– Со доаѓањето на брендот Ritz-Carlton, Белград се позиционира како глобално призната дестинација за луксузен туризам, од која корист не само туристичката индустрија, туку и економијата, културата и инфраструктурата на нашиот град – изјави Иван Бошњак од Дунав Риверсајд.
Групацијата Мериот има 550 хотели ширум светот, а за три години на таа листа ќе се најде и белградскиот хотел.
– Ние не сме компанија која продава само соби и храна, продаваме уникатно искуство и затоа нашите гости постојано се враќаат. Драго ни е што дојдовме во Белград, бидејќи Србија и нејзиниот главен град забрзано се развиваат и не се сомневаме дека нашиот хотел во Белград ќе биде еден од најуспешните – нагласува Сандип Валија од Мериот Интернационал.
Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали изјави дека Мериот донела добра одлука да изгради хотел во Србија, земја која има инвестициски кредитен рејтинг, растечка економија и макроекономска стабилност.
– Дојдовте во земја со рекордно ниска невработеност, во земја која го држи рекордот по директни странски инвестиции, бидејќи дури 63,64 отсто од сите директни странски инвестиции на Западен Балкан доаѓаат во Србија – рече Мали.