Да се оди во пензија на 67 години и да се зголеми стапката за придонес, предлага Фискалниот совет

80

Од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензинско осигурување за 0,7 процентни поени, односно на да изнесува 19, 5 проценти, препорачува Фискалниот совет како предлог на Фискалната стратегија 2025-2029 година.

Фискалниот совет, државна институција основана од Собранието, предложи зголемување на старосната граница за пензија на 67 години како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029). Предлогот е доставен до законодавниот дом и предвидува измената да стапи на сила во 2026 година и да важи за мажи и жени.

„Определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на двапати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот помеѓу приходи од придонеси и расходи за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ФПИОМ“ соопштија од Фискалниот совет.

Оттаму додаваат дека се потребни дополнителни мерки за одржување на ФПИОМ.

„Потребни се дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените, така и постепено (макар и благо) зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ (тековно е 18,8%), која моментално е за 2,4% помала во однос на 2008 година кога изнесуваше 21,2%. Кога на ова би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1.500-1.700 нови пензионери секоја година, придружено и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензиските приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен. Оттука, фискалната одржливост на Фондот за ПИОМ претставува посебен фискален ризик. Имајќи го предвид значителното намалување на невработеноста, недостатокот од квалификувана и професионална работна сила, Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти“, наведуваат од советот во предложеното мислење.

Исто така се вели дека во 2027 година би се направила дополнителна анализа на фискалната одржливост на ФПИОМ и во зависност од трендот и потребата, би требало постепено да се зголемува стапката на најмалку 21 процент до 2029 година.

Фискалниот совет, чија цел е да следи како власта го менаџира буџетот и јавниот долг, беше формиран минатата година со поддршка од странски партнери. Ова тело, замислено како контрола на фискалната одржливост, има тројца членови предложени од МАНУ, Државниот завод за ревизија и Народната банка на Македонија. Меѓу нив се академик Абдулменаф Беџети, професорката Мирјана Трпеска и банкарот Глигор Бишев.

Фискалниот совет ја нагласува важноста од ваквите реформи за долгорочна финансиска стабилност, но реакциите од јавноста и политичките субјекти сугерираат дека ова прашање ќе предизвика дополнителни дебати.