ЕК работи на исплата на првите средства од Планот за раст на Западниот Балкан

28

Процесот на исплата на средствата во рамките на Планот за раст на Западниот Балкан не е поврзан со откажаната средба на лидерите од регионот со претставници на ЕУ, што беше најавувана за в среда, изјави денеска портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.

– Работиме (на реализација) на овој процес што е можно поскоро, рече Мерсие, додавајќи и дека засега не е предвиден нов термин за одржување на откажаната средба.

Една од главните теми на средбата, според најавите, требаше да биде имплементацијата на Планот на Европската комисија за раст за Западниот Балкан.

Според претходните најава, исплатата на првите средства во рамките на Планот за раст на Западниот Балкан на земјите од регионот во форма на предфинансирање во износ од седум отсто од предвидената сума за секоја од нив, треба да биде извршена до крајот на годинава. Согласно планираната распределба, земјава како предфинасирање треба да добие 52,5 милиони евра.