Светска банка: Инвестициите во здравството, образованието и климатските промени се намалени поради долговите

Посиромашните земји ги ограничуваат инвестициите во здравството, образованието и справувањето со климатските промени со цел да ги платат долговите и да избегнат банкрот, се посочува во новиот извештај на Светска банка. Минатата година земјите во развој потрошија рекордни 1,4 трилиони долари за да ги исполнат обврските за долгот.

Во извештајот се наведува дека добар дел од причината за ваквата рекордна сума лежи во пандемијата, бидејќи токму во тој период земјите мораа да преземат дополнителни долгови. Минатата година, згора на тоа, задолжувањето поскапе, а трошоците за задолжување го достигнаа највисокото ниво во последните 20 години како резултат на инфлацијата.

Слабеењето на локалните валути и неизвесноста за глобалниот раст, исто така, влијаеа. Само земјите кои ја користат помошта на Меѓународната асоцијација за развој, финансиска институција која е дел од групацијата на Светска банка, потрошиле 96,2 милијарди долари за враќање на долгот. Трошоците за камати беа рекордни 34,6 милијарди долари.

Светска банка забележува дека минатата година приватните кредитори од посиромашните земји извлекле повеќе пари за отплата на долгот отколку што дале нови заеми. Причината е што тие би можеле да обезбедат повисоки приноси на посигурни заеми отколку што беше случај претходно.

Светската банка и другите мултилатерални институции тргнаа во спротивна насока. Имено, тие во 2022 и 2023 година дале 51 милијарда долари повеќе заеми отколку што собрале од отплата на долгот.

„Билансот на ризик и награда не треба да остане толку искривен како што е денес, бидејќи мултилатералните институции и владите како доверители го преземаат речиси целиот ризик, а приватните кредитори го собираат речиси целиот принос“, според Светската банка.

Минатата година земјите се обидоа да го зачуваат својот кредитен рејтинг, што често предизвикуваше буџетски намалувања. Светската банка сега се обидува да им помогне на најпогодените земји да работат на реструктуирање на долгот со тоа што не ги намалуваат социјалните трошоци во исто време.

Главниот економист на Светската банка, Индермит Гил, вели дека земјите, како и компаниите, треба да можат да го реструктуираат својот долг без да ја загрозат можноста за добивање нови заеми.

„Во ера на високи нивоа на недоверба на меѓународната сцена, ова нема да биде лесно да се постигне, но без тоа, развојните цели се сериозно загрозени“, ги цитира зборовите на Гил, Euronews.

Фото: Pixabay