Италијанската компанија Lamborghini планира да го лансира својот прв електричен автомобил дури во 2029 година, имајќи предвид дека пазарот на луксузни спортски автомобили сè уште не е зрел за транзиција кон целосно електрична мобилност, според главниот извршен директор Стефан Винкелман.
Претходниот план беше првиот електричен автомобил да биде лансиран во 2028 година. Италијанскиот ривал во овој сегмент Ферари планира да го лансира својот прв електричен модел следната година.
„Мислиме дека 2029 година не е доцна за електричен автомобил. Не мислиме дека во нашиот деловен сегмент пазарот ќе биде подготвен за тоа во следната година или 2026 година“, изјави Винкелман на новинарите во седиштето на Lamborghini во близина на Болоња.
Lamborghini од оваа година има три модели на хибридни возила, Urus SE SUV, Revuelto и Temerario, кои ги претстави во текот на летото. Нивната цена надминува 300 илјади евра, пренесува Ројтерс.
Винкелман истакнува дека Lamborghini не брза бидејќи чека појасна регулаторна рамка во Европската унија.
„Сметаме дека ова е вистинскиот начин да се погледне во иднината. Се разговара за синтетички горива и тоа е една од можностите за нашиот тип на автомобили“, рече тој.