Шведска е предводник во користењето на обновливите извори на енергија

Учеството на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка во Европската унија во 2023 година изнесува 24,5 отсто, што е за 1,4 процентни поени повеќе во споредба со 2022 година, покажуваат податоците на Европската статистичка служба (Евростат).

Овој удел е за 18 процентни поени (п.п.) понизок од посакуваната цел од 42,5 проценти што ЕУ сака да ја постигне до 2030 година, што би барало просечен годишен пораст од 2,6 процентни поени од 2024 до 2030 година.

Во 2023 година, Шведска го зазеде првото место меѓу земјите на ЕУ кога станува збор за учеството на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка – 66,4 отсто. Оваа земја првенствено се потпира на цврсти биогорива, хидроенергија и енергија од ветер.

Следува Финска со 50,8 отсто, додека Данска е на трето место со 44,9 отсто учество на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка.

Спротивно на тоа, најниско учество на обновливите извори на енергија е забележано во Луксембург (11,6 отсто), Белгија (14,7 отсто) и Малта (15,1 отсто).