Словенечките банки за десет месеци остварија добивка од над една милијарда евра

Словенечките банки во првите десет месеци оствариле добивка пред оданочување од една милијарда и 42 милиони евра, што е за 12,1 отсто повеќе во однос на истиот период лани. По оданочување добивката достигна 906 милиони евра.

„Овогодинешниот раст на добивката е првенствено резултат на зголемувањето на нето добивката, додека обемот на нето-вредносните корекции и резервации остана мал, помалку од три проценти од остварениот бруто-приход. Профитабилноста на капиталот на банките надмина дваесет проценти и само малку заостана зад вредноста во истиот период минатата година“, соопшти Банката на Словенија, објавувајќи месечни податоци за работењето на банките, пишува SEEbiz.

Поради големата разлика меѓу каматните стапки за инвестициите и средствата, банките продолжуваат да остваруваат натпросечни нето каматни приходи, што се рефлектираат во високи приходи и добивки, со истовремен раст на нето некаматните приходи. Така, во првите десет месеци, нето каматната маржа се зголеми на 3,12 отсто, што е приближно двојно повеќе во однос на периодот од 2018 до 2022 година. До крајот на октомври, банките ги зголемија оперативните трошоци за речиси четвртина (23,7 отсто) во споредба за истиот период минатата година.

Банките сè уште главно го кредитираат населението (преовладуваат потрошувачките кредити), додека кредитирањето на претпријатијата е сè уште слабо. Депозитите од небанкарскиот сектор остануваат стабилен извор на финансирање за словенечките банки, при што и оваа година е истакнат приливот на депозити на населението.

Нивниот обем е зголемен за 425 милиони на 26,9 милијарди евра, што претставува половина од билансот на банкарскиот систем. Како што забележуваат во БС, најизразени месечни приливи на депозити имало во пролетните месеци кога се исплаќал распустот, додека заштедените средства главно биле искористени во летните и првите есенски месеци поради сезонски влијанија (годишен одмор, нова учебна година).