Албанија го забрани ТикТок на една година

Албанија објави дека го забранува ТикТок на една година, што следува по убиството на тинејџер во ноември, кое ја зголеми загриженоста за влијанието на социјалните мрежи врз децата.

Забраната, која е дел од пошироките планови  училиштата да се направат побезбедни, ќе стапи на сила на почетокот на следната година, кажа премиерот Еди Рама.

„Ќе го забраниме за сите на една година. Нема да има ТикТок во Албанија“, изјави Рама.

Неколку европски земји, како Франција, Германија и Белгија, воведоа ограничувања во користењето на социјалните мрежи за деца. Рама ги обвини социјалните мрежи, особено ТикТок, дека поттикнуваат насилство помеѓу младите.

Минатиот месец, 14-годишно момче беше убиено од друг ученик по расправија што ја имале на социјалните мрежи. На ТикТок притоа се појавија видеа во кои малолетници го бранат убиството.

„Проблемот денес не се нашите деца, проблемот денес сме ние, нашето општество. Проблемот денес се ТикТок и сите други што ги земаат нашите деца како заложници“ рече Рама.