Управата за јавни приходи (УЈП), Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини склучија Меморандум за меѓусебна соработка, со цел унапредување на координацијата и транспарентноста во областа на енергетиката и рударството.
Договорот беше потпишан од директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Соња Божиновска, и директорот на Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, Али Сулејмани.
Потписниците појаснија дека овој договор ќе овозможи поефикасна комуникација и размена на податоци помеѓу трите институции, што ќе резултира со навремено и ефикасно спроведување на инспекциски надзор, поголема контрола на искористување на природните ресурси и наплата на концесиите.
Директорката на УЈП, Петрова појасни дека:
„Преку оваа соработка, ќе се обезбеди поголема ефикасност во надзорот и наплатата на јавните приходи, што ќе резултира со навремена, точна наплата на задолжените даноци и надоместоци, како и со подобрена прецизност и транспарентност во процесите на контрола и отчетност.”
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска, појасни дека:
„Целта е да се обезбеди подобро управување со ресурсите и да се зајакне одговорноста на концесионерите во исполнувањето на нивните законски обврски, особено кога станува збор за плаќањето на надоместоци за концесија. Интенцијата на договорот е да се елиминираат неправилностите кои досега постоеле во работењето на концесионерите, како и да се спречат такви случаи во иднина. “
Претставниците на трите институции, истакнаа дека со оваа иницијатива, се создаваат услови за користење на најдобри пракси од други држави и преку примена на нови пристапи и методи во оваа област ќе се постигне поголема транспарентност и правична контролa, што ќе има позитивен ефект врз приходите и општеството. Во процесот на реализација, трите институци ќе можат да делуваат координирано при спроведувње на редовен инспекциски надзор, со што ќе се запази принципот на еднаков третман на сите концесионери пред законите и Уставот на Република Македонија.