На глобалните берзи цените на нафтата пораснаа за повеќе од 1,5 отсто минатата недела, враќајќи дел од загубите од претходната недела, бидејќи трговците беа охрабрени од зголемувањето на проценките за економскиот раст на Кина.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 1,7 отсто, на 74,17 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 1,6 отсто, на 70,60 долари. Откако пред една недела паднаа за повеќе од 2 отсто, минатата недела цените на „црното злато“ повратија дел од тие загуби.
Веќе подолго време цените се движат во тесен опсег, бидејќи поради слабоста на неколку од најголемите светски економии, побарувачката за нафта е помала отколку што се надеваа трговците. И покрај низата фискални и монетарни стимулативни мерки, економијата на Кина, најголемиот увозник на нафта во светот, не расте толку брзо како што се надеваа трговците.