Какаото и кафето најмногу поскапеа во 2024-та, најмногу поевтини јагленот

Какаото и кафето значително поскапеа на светските берзи во 2024 година поради намалената понуда, а најмногу под влијанието на слабеењето на кинеската економија поевтини јагленот кој се користи во производството на челик.

Цената на зрното какао лани се зголеми речиси тројно, што значително го надмина растот на цените на другите производи. Во декември накратко достигна рекордни 12.931 долари за метрички тон на берзата во Њујорк поради прогнозите за послаба берба, четврта година по ред, под влијание на големите суши.

„Секторот на земјоделски производи, предводен од какаото и кафето, забележа најголеми добивки во цените поради неповолните временски услови во клучните региони на производството, што го истакнува ризикот за цените на стоките произведени и набавени од релативно мали географски области“, објаснува Оле Хансен од данската „Saxo Bank“.

Бербата во најголемите производители на какао, Брегот на слоновата коска и Гана, е значително послаба поради лошите временски услови, болестите, шверцот и намалените површини чии сопственици се свртеа кон ископувањето злато.

Сувото време ја намали и понудата на кафе. Цените на кафето од сортата Арабика скокнаа на највисоко ниво во повеќе од 40 години поради стравувањата дека силната суша на почетокот на годината ги оштетила плантажите во најголемиот производител Бразил.

Поевтини железната руда
Цените на нафтата и металите беа притиснати од забавувањето на активноста во втората по големина економија во светот Кина, најголемиот купувач на суровини во светот, под влијание на кризата во секторот на недвижности.

Падот на цените на железната руда донекаде беше ублажена последните месеци од година, но сепак може да изнесува околу 15 проценти кога завршно ќе се сумираат годишните податоци. Нејзините цени би можеле да паднат и во 2025 година поради подобрената понуда и паралелната послаба кинеска побарувачка за челик, велат аналитичарите.

Цените на бакарот и на алуминиумот пораснаа во 2024 година поради тенките залихи, енергетската транзиција и проценките дека стимулативните мерки на Кина ќе ја зголемат побарувачката, велат аналитичарите.