Годишната стапка на инфлација во Турција во декември минатата година изнесуваше 44,3 отсто, откако еден месец претходно беше 47,1 отсто, покажуваат официјалните податоци. Инфлацијата падна седми месец по ред и е најниска од јуни 2023 година, кога изнесуваше 38,2 отсто.
Како што јави германската новинска агенција dpa, аналитичарите очекуваа декемвриска инфлација од 45,2 отсто.
Нивото на инфлација на крајот на годината беше во согласност со прогнозите на турската централна банка, иако и покрај зголемувањето на каматните стапки таа падна помалку од очекуваното.
Во борбата против високите цени, турската централна банка почна да ги зголемува каматните стапки минатата година, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган престана да се противи. По ограничувањето на инфлацијата, која сè уште е значително повисока отколку во повеќето западни земји, минатата недела банката ја намали основната каматна стапка за 2,5 процентни поени на 47,5 отсто за прв пат по речиси две години, по февруари 2023 година, објави француската новинска агенција АФП.
Во најновата прогноза, централната банка изрази очекување дека инфлацијата во Турција ќе достигне 44 отсто на крајот на 2024 година, откако во августовската прогноза очекуваше зголемување на потрошувачките цени од 38 отсто.