Деловната активност во приватниот сектор во еврозоната е благо намалена во декември

Деловната активност во еврозоната се намали само маргинално во декември бидејќи закрепнувањето во услужниот сектор го компензира континуираниот пад во индустријата, покажа извештајот на S&P Global.

Индексот на менаџери за набавка (PMI) во приватниот сектор на еврозоната порасна во декември за 1,3 поени во однос на ноември и изнесува 49,6 поени, пресметано од Хамбуршката комерцијална банка (HCOB), која ги составува извештаите за S&P Global.

Вредностите пониски од 50 поени сигнализираат пад на активноста, а вредностите повисоки од 50 укажуваат на нивниот раст.

Падот во целост ги одразува слабите резултати во индустријата, пренесува Хина, додека услужниот сектор закрепнал, открива HCOB.

„Податоците на PMI за декември навистина не поставуваат фантастична основа за подемот на услужниот сектор во 2025 година, но барем новите нарачки веќе не се намалуваат, а темпото на намалување на нереализираните е умерено“, заклучи главниот деловен економист на германската банка Сајрус де ла Рубија.

Услужните компании, додаде Де ла Рубија, имаат среќа што, за разлика од индустријата, не се директно под закана од американските царини.

Побарувачката за стоки повторно ослабе, а побарувачката за услуги само благо зајакна, утврди HCOB, истакнувајќи дека новите нарачки од странство го продолжија периодот на слаба побарувачка на речиси три години.

Во такви услови компаниите го намалија бројот на работници на крајот на 2024 година и тоа со најсилно темпо во последните четири години, покажа истражувањето. Трендот е ограничен на индустријата, со само маргинални вработувања во услужниот сектор.