Се прогнозира дека глобалната економија постојано ќе расте во 2025 година, а корпоративната доверба расте, покажува истражувањето на извршните директори спроведено од консултантската фирма Ернст и Јанг (EY). Резултатите од истражувањето ги презентираше извршната директорка на EY Џенет Трункеле во Давос, каде што се одржува годишниот Светски економски форум.
Истражувањето покажа дека 73 отсто од извршните директори изразиле доверба во изгледите за раст на нивните компании, во споредба со 70 отсто во септември и 64 отсто во јануари претходната година, пренесува CNBC.
Сепак, главните предизвици за деловните лидери остануваат даноците, регулативите и можноста за трговски царини, со сите погледи вперени во политиката на претседателот Доналд Трамп, кој се врати во Белата куќа во понеделникот.
Американскиот претседател го започна својот втор мандат со потпишување серија извршни наредби, вклучително и помилување на учесниците во немирите на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година и повлекување на САД од Парискиот климатски договор.
Џенет Транкел оцени дека, иако сè уште е рано да се носат заклучоци за претседателствувањето на Трамп, директорите на светските компании се уверени во наредната година.
„Имаше многу што да се разгледа во изминатите 24 часа, а ќе има уште повеќе во наредниот период. Сепак, она што е важно во нашата анкета меѓу директорите е континуираниот раст на довербата во изминатата година. Таа доверба ќе им овозможи на нашите клиенти да донесуваат долгорочни одлуки и да создаваат долгорочна вредност за нивните клиенти и вработени“, рече таа.