Американскиот произведувач на авиони Boeing, предупреди 15 авиокомпании на опасност од замрзнување на моторот на неговите нови авиони 747-8 i 787 Dreamliner, кои имаат мотори на произведувачот General Electric (GE), поради што летањето на големи надморски висини е ризично, јавува Ројтерс.
Поради предупредувањето, јапонскиот авиопревозник Japan Airlines ги повлече своите дримлајнери од две меѓународни рути, од Токио до Њу Делхи и од Токио до Сингапур, затоа што би можеле да влетаат во кумулонимбуси, облаци со ледени кристали кои можат да бидат опасни.
Портпаролот на GE објасни дека до проблеми доаѓа поради лепењето на ледените кристали зад предниот вентилатор на моторот, со што може да се намали моќноста на моторот, но дека и покрај овој проблем, сите авиони успешно слетале на своите дестинации.
Од април наваму пријавени се шест инциденти кога авиони со мотори на GE ја изгубиле силата на големи надморски висини.
Претходно дримлајнерите на Boeing беа приземјени поради проблеми со акумулаторите.
Освен Japan Airlines, меѓу погодените компании се и Lufthansa и United Airlines.