
Турската централна банка ја намали основната каматна стапка за 2,5 процентни поени, втор пат за два месеци, бидејќи официјалните податоци покажаа забавување на инфлацијата.
Комитетот за монетарна политика на централната банка објави дека ја намалува каматната стапка од 47,5 на 45 отсто, откако во декември исто така ја намали за 2,5 процентни поени, пренесува Бета.
И покрај значителното намалување на каматните стапки, централната банка ја потврди својата посветеност да ја контролира зголемената инфлација, која остави многу домаќинства во Турција без доволно пари дури и за основните потреби како храна и домување.
Според официјалните податоци, годишната стапка на инфлација во Турција паднала во декември од 47,09 отсто во ноември на 44,38 отсто, но независните економисти велат дека таа всушност е многу повисока.











