Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која од 1 февруари цената за потрошувачите на топлинска енергија во Град Скопје ќе се зголеми за 5,03 %, како резултат на зголемената цена на природниот гас на светските берзи за 16 % во последниот квартал од 2024 година.
„По доставено барање од страна на ЕСМ Дистрибуција на топлина, ЕСМ Производство на топлина и ЕСМ Снабдување на топлина, РКЕ пристапи кон длабинска анализа која покажа дека цената на природниот гас во последниот квартал од изминатата година е реално зголемена на светските берзи за 16%. Во одлуката од јули пресметката за цена на топлинска енергија е направена со прогнозирана цена на природен гас од 37 евра за 1 MWh (Q4 2024), a сега при набавка на природен гас постигната е цена од 43 евра 1 MWh. Како што знаете, ние сме 100% зависна земја од увоз на природен гас, енергенс кој е основно гориво за работа на топланите и за да продолжи непречена испорака, неопходно беше да се донесе оваа одлука. Ова зголемување се очекува просечната сметка да ја зголеми за околу 100 денари и од сегашните
2100 денари, од февруари да се плаќа околу 2200 денари. Вие знаете дека минатата година имавме обратен процес кога цената на природниот гас на берзата беше пониска од предвидената и поради тоа донесовме поволна одлука за категоријата останати корисници.
Сметките тогаш се намалија за 35 %.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
РКЕ во текот на следната недела ќе го разгледа и ќе донесе одлука по барањето за цена на ЕСМ Енергетика кои снабдуваат околу 2000 корисници.
Новата цена на сила е од 1 февруари 2025 година
Зголемувањето на сметките ќе биде 100 денари за просечно семејство. Се очекува наскоро и топлификација Скопје Север да поднесе барање за зголемување на цената на парното во тој дел од градот.