Египетската морнарица објави нови навигациски карти за Суецкиот канал, изјави денеска претседателот на администрацијата Осама Рабие, посочувајќи дека по завршувањето на работите на проширување на каналот, неговиот капацитет ќе биде зголемен до 16 отсто.
Египет уредува дополнителни 10 километри канал пред влезот во Црвеното Море за двонасочен сообраќај, а во втората фаза планира да го продлабочи и прошири за дополнителни 30 километри.
Според управата, каналот сега ќе овозможи двонасочен сообраќај на бродови на потег од 82 километри. Досега двонасочната траса се протегаше на 72 километри. Суецкиот канал е долг 193 километри.
Одлуката за проширување на каналот е донесена пред неколку години, по заглавувањето на контејнерскиот брод „Евер Гивен“, што го запре сообраќајот на шест дена во 2021 година.
Целта е да се подобри безбедноста во сообраќајот, нагласи првиот човек на управата на каналот во јануари, напоменувајќи дека и по завршувањето на работите пловидбата ќе трае 11 часа.
Транзитните капацитети ќе се зголемуваат за шест до осум бродови дневно, рече денеска Рабие.
Во 2020 година, според најновите податоци достапни на веб-страницата на администрацијата, дневно низ каналот минувале просечно 50,83 бродови, што би значело дека неговиот капацитет сега ќе биде до 16 отсто поголем.
Продолжената рута беше успешно тестирана во средината на јануари, со најава од управата дека пробното пловење на два брода завршило без инциденти.
На крајот на јануари, египетската морнарица објави дека ќе објави нови навигациски карти по завршувањето на градежните работи, рече тогаш претседателот на администрацијата, додавајќи дека рутата треба да биде подготвена за бродови до крајот на март.
Суецкиот канал е најбрзиот пат за транспорт на гориво, храна и стоки за широка потрошувачка од Азија и Блискиот Исток до Европа, а низ него минува дури една третина од светскиот контејнерски товар, потсетуваат британските медиуми.