![road-6281973_640](https://biznisinfo.mk/wp-content/uploads/2025/02/road-6281973_640.jpg)
Раст на продажбата на мотоцикли е забележан на пет клучни, најголеми пазари во Европа. Податоците доставени од Здружението на производители на мотоцикли (ACEM) до Српската асоцијација на увозници на возила и делови јасно покажуваат дека сè повеќе луѓе во Европа се одлучуваат да купат возила на две тркала.
ACEM анализираше пет пазари: Италија, Шпанија, Велика Британија, Франција и Германија. Вкупната продажба на мотоцикли на овие, најголемите пазари за мотоцикли, достигна 1.155.640 возила на две тркала во 2024 година. Ова е зголемување од околу 10,1 отсто (1.049.898) во однос на 2023 година.
Најголем годишен раст е забележан во Германија, каде се продадени 248.618 единици, што претставува раст од 16,3 отсто.
Во Шпанија растот е нешто помал – 14,2 отсто годишно, но на патиштата во земјата пристигнаа 229.685 нови мотоцикли. И Французите сè почесто купуваат ваков тип на возила. Така, продажбата во 2024 година достигна 214.049 единици. Тоа претставува раст од 3,5 отсто во однос на 2023 година. И покрај популарното верување дека климата во ОК не е многу поволна за ентузијастите на две тркала, беа испорачани 110.994 мотоцикли. Растот во однос на 2023 година е солидни 2,7 отсто.
Италија останува најголемиот пазар за мотоцикли во Европа. Клиентите во оваа земја купиле дури 352.924 мотоцикли. Растот на продажбата во 2024 година достигна 10,0 проценти на годишно ниво.
Бројот на новорегистрирани мопеди достигна 180.591 единици во 2024 година на шесте најголеми европски пазари (Белгија, Франција, Германија, Италија, Холандија и Шпанија) анализирани од ACEM. Тоа е пад од 6,5 отсто на годишно ниво кога во овие шест земји се купени 193.145 мопеди. Единствениот раст, и многу значаен, е забележан во Италија. Купувачите во оваа земја купиле 22.301 мопеди, со што го зголемиле пазарот за 19 отсто во споредба со претходната година.