
Увозните тарифи што ги воведоа САД се неоправдани, оцени Европската конфедерација на синдикати и ја повика Европската унија да преземе соодветни мерки за заштита на работните места и индустриите. Наредбата на Доналд Трамп за САД да воведат царини за странски челик и алуминиум ќе има негативни последици за европските работници и компании, бидејќи Америка е втор најголем пазар за производители на челик од Европската унија, се вели во соопштението на Европската конфедерација на синдикати објавено од порталот Nezavisnost.org.
По најавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека ЕУ ќе ги заштити своите компании и вработени од последиците на новата американска тарифна политика, Европската конфедерација на синдикати соопшти дека ЕК мора да соработува со синдикатите во креирањето соодветни мерки за да се избегне натамошен притисок врз работните места и компаниите, како и врз инфлацијата.
Како што јави британски Би-Би-Си, ЕУ посочи дека нема да дозволи царините на Трамп да го загрозат нивниот извоз на челик и алуминиум.
Европскиот „премиер“ Фон дер Лајен најави „енергични, пропорционални контрамерки“. Ова беше прва реакција на Брисел откако американскиот претседател нареди од 12 март увозната такса за увоз на челик и алуминиум да биде 25 отсто, со што Вашингтон ги укина царинските ослободувања за своите сојузници Канада и Европската унија.
Европската конфедерација на синдикати објави дека „покрај одговорот на непосредната закана, приоритет мора да биде создавање на проактивна европска индустриска политика поддржана од постојан механизам за инвестирање“.
ЕКС потсети дека минатата недела десетици илјади работници демонстрираа во Брисел барајќи акција од ЕУ за спас на европските индустрии од кризата што се заканува да отпушти 100.000 вработени во компании како што се Audi, Volkswagen, Thyssenkrupp и Northvolt.
Британскиот Би-Би-Си потсети дека Доналд Трамп во својот прв претседателски мандат, пред седум години, најави царини од 25 отсто за челик и 15 отсто за алуминиум, но дека на крајот преговарал за изземање на некои земји како Австралија, Канада и Мексико.
– Ова е своевидна реприза на 2018 година – изјави американскиот универзитетски професор по економија Даглас Ирвин, кој смета дека „има голема неизвесност дали ова е преговарачка тактика или дали тој (Трамп) едноставно не сака да разговара со други земји и навистина сака на овој начин да и помогне на американската челична индустрија“.
Експертите веруваат дека царините и даноците се централен дел од економската визија на Трамп, бидејќи тој ги гледа како начин да се обезбеди раст на американската економија и да се зголемат даночните приходи. Сепак, постои сериозна загриженост за ефектот од таквите мерки во САД, каде што многу производители кои користат челик и алуминиум сега се соочуваат со дополнителни трошоци.











