
Стопанската комора на трговци на големо и мало, основана пред неколку дена, а сè уште во фаза на упис во Централниот регистар, изрази задоволство од прифатеното барање доставено до Владата за итна средба, во врска со одлуката за ограничување на маржите од 10 проценти на основните прехранбени производи.
-Според одлуката од средбата, на која премиерот Христијан Мицкоски го задолжи министерот за економија и труд, да одржи нова средба со нас, на 14.02.2025 година, во текот на денешниот ден ќе излеземе со ставови, кои ќе ги образложиме на средбата, кои ќе бидат анализирани со цел да се изнајде заедничко решение, велат сопствениците на маркети и продавници.
-Сакаме да се создаде поволна клима за работа за сите чинители од секторот, да не се трпат штети, а сето тоа во интерес и на нашите потрошувачи, стои во соопштението.
Инаку, Владата вчера не ја донесе одлуката за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо што требаше да важи до 30 април и да опфати над 100 групи производи откако Стопанската комора на трговци на големо и мало вчера побара итна средба во врска со одлуката за ограничување на маржите.











