
Обновливите извори на енергија учествуваа со 45,3 отсто од потрошувачката на електрична енергија во Европската унија во 2023 година, што е значителен пораст од 4,1 процентен поен во споредба со периодот од претходната година, објави Евростат.
Заводот за статистика на ЕУ забележува дека предметната количина претставува најголем годишен пораст на уделот на обновливите извори на енергија во потрошувачката на електрична енергија откако почна да обработува такви податоци во 2004 година.
Ветерот со 38,5 отсто и хидроенергијата со 28,2 отсто сочинуваат повеќе од две третини од вкупната електрична енергија произведена од обновливи извори.
Следува сончевата енергија со 20,5 проценти, потоа цврстите биогорива – 6,2 проценти и другите обновливи извори – 6,6 проценти.
Податоците покажуваат дека најголем дел од потрошената електрична енергија во 2023 година е произведена од обновливи извори во Австрија (87,8 отсто), каде доминирала хидроенергијата, како и во Шведска (87,5 отсто) со значителен удел на ветерот, кој е најчестиот обновлив извор, и во Данска (79,4 отсто).
Висок удел на обновлива енергија е забележан и во Португалија (63 отсто), Хрватска (58,8), Шпанија (56,9), Летонија (54,3) и Финска (52,4).
Уделот на електрична енергија од обновливи извори е најмал во Малта (10,7 отсто), Чешка (16,4), Луксембург (18) и Унгарија (19,5).