Инфлацијата во еврозоната е потврдена на 2,5 отсто

Годишната инфлација во еврозоната се зголеми од 2,4 на 2,5 отсто во јануари, во согласност со прелиминарната проценка и највисока во последните шест месеци, објави денеска Евростат.

Како што се наведува, повисоката инфлација во еврозоната е пред сè последица на побрзиот годишен раст на цената на енергијата од 1,9 отсто во однос на 0,1 отсто во декември.

Индустриските производи без енергија пораснаа за 0,5 отсто, исто како и во декември.

Цените на храната, алкохолот и тутунот се забавија на 2,3 отсто од 2,6 отсто во декември, а цените во услужниот сектор пораснаа за 3,9 отсто, што е побавно темпо од четири отсто во декември.

Годишната стапка на базична инфлација во еврозоната за јануари остана непроменета на 2,7 отсто петти последователен месец, што е најниско ниво од почетокот на 2022 година.

На месечна основа цените во еврозоната паднаа за 0,3 отсто во однос на декември. Инфлацијата во Европската унија порасна во јануари од 2,7 отсто на 2,8 отсто, а најниска е во Данска од 1,4 отсто, како и во Ирска, Италија и Финска, по 1,7 отсто.

Спротивно на тоа, највисока годишна инфлација во Европската унија е забележана во Унгарија од 5,7 отсто, Романија од 5,3 отсто и во Хрватска од пет отсто.