
ОПЕК и неговите сојузници се соочуваат со сложена дилема: дали треба да почнат да ги олеснуваат ограничувањата за производство на нафта иако ситуацијата со понудата и побарувачката веројатно нема да се подобри во блиска иднина? Можно е уште еднаш да го одложат клучниот момент за да ги задржат стабилните цени, но со тоа ризикуваат да ја загубат контролата на пазарот.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, група позната како ОПЕК +, планираат постепено да ги ублажат ограничувањата за производство кои беа во сила со години од април, пишува Ројтерс.
ОПЕК + моментално држи 5,85 милиони барели нафта дневно надвор од пазарот, што претставува околу 5,7 отсто од глобалната побарувачка. Овие ограничувања беа воведени преку серија намалувања од 2022 година за поддршка на цените на нафтата. 2,2 милиони барели дневно од овие ограничувања беа планирани да се повлечат во текот на првиот квартал на 2024 година, но таа одлука веќе пет пати беше одложена поради слабата побарувачка и зголеменото глобално производство.
За жал за ОПЕК, ситуацијата на пазарот веројатно нема значително да се подобри во април. Напротив, може дополнително да се влоши поради се позатегнатите трговски односи меѓу САД и другите големи економии, што го забавува растот на побарувачката на нафта.
Американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Саудиска Арабија, водечка членка на ОПЕК, да ја намали цената на нафтата. Разговорот на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин и последователните билатерални разговори меѓу САД и Русија во Саудиска Арабија ги поттикнаа шпекулациите за можен прекин на огнот во Украина и олеснување на американските санкции кон Москва, што може да доведе до зголемување на руското производство на нафта.
ОПЕК + успешно ја одржува релативната стабилност на нафтениот пазар во последните неколку години, пред се благодарение на дисциплината на своите членки. Референтните цени на суровата нафта од типот Брент се движеа меѓу 70 и 100 долари за барел од 2021 година, освен краткиот период на нестабилност кога започна војната во Украина.











