Бугарија следната година ќе продава 37 државни компании. Од нив, 13 се клучни, а во вкупната бројка влегуваат и малцински пакети кои секоја година се вртат на јавни тендери, но за кои нема никаков интерес.
Веста, која се уште е хипотетичка бидејќи нема конечна одлука, ја најави претседателот на Агенцијата за приватизација, Емил Караниколов, пренесуваат бугарските медиуми.
Бугарските медиуми пишуваат дека сите министерства веќе направиле анализи, врз основа на кои е изготвен посебен план за тоа што треба итно да биде приватизирано. Меѓу најизвесните државни претпријатија кои веројатно ќе бидат пуштени на пазарот се Бугарската берза заедно со Централниот депозитар, како и државниот удел во Бугарската поморска флота и Пловдивскиот саем.