Рускиот извоз минатата година порасна за два отсто, најмногу во африканските земји

Трговскиот суфицит на Русија се зголеми за 7,8 отсто во 2024 година во споредба со претходната година, достигнувајќи 150,9 милијарди американски долари, објави руската Федерална царинска служба.

Официјалните податоци покажуваат дека вкупната трговска размена со странство изнесува 716,9 милијарди долари, што е зголемување од 0,9 отсто во споредба со 2023 година.

Извозот, пишува Хина, е зголемен за два отсто на годишно ниво и достигна 433,9 милијарди долари, додека увозот е намален за 0,7 отсто на 283 милијарди долари.

Податоците дополнително покажуваат голем пад на извозот во европските земји, од дури 20,37 отсто, чија вредност изнесува 68,4 милијарди долари, додека увозот е намален за 6,88 отсто на 73,1 милијарди долари.

Рускиот извоз во Азија се зголеми за 7,58 отсто, достигнувајќи 329,2 милијарди долари.

Увозот од Азија изнесуваше 191,2 милијарди долари, што претставува раст од 1,92 отсто.

Извозот во Африка е зголемен за 14,62 отсто на 24,3 милијарди долари, додека увозот е зголемен за 2,94 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 3,5 милијарди долари.