
Цените на нафтата паднаа минатата недела втора недела по ред, бидејќи трговците се загрижени за слабата побарувачка, со оглед на бавниот раст на најголемите светски економии и ризиците од војна со царини.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се лизна за 1,7 отсто, на 73,18 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 0,9 отсто, на 69,76 долари.
Падот на цената на нафтата втора недела по ред е резултат на знаците за забавување на растот на американската економија, што може да доведе до слабеење на побарувачката. Особено што кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не расте толку брзо како што се очекуваше. Дополнително, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека од 4 март ќе стапат на сила царините од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико, како и дополнителни 10 отсто царини за увоз од Кина.
Тој рече и дека наскоро би можел да воведе царини од 25 отсто на увозот од Европската унија, а бидејќи Европската комисија најави брза и решителна реакција, трговците стравуваат од тарифна војна, која може негативно да влијае на растот на целата светска економија, а со тоа и на побарувачката. Поради ова, како и најавата за нормализирање на снабдувањето од Ирачки Курдистан, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините партнери размислуваат дали да ја зголемат понудата од април, како што најавија, или да продолжат со досегашната политика на ограничување на испораките.