
Xiaomi планира да започне со продажба на своите електрични возила надвор од Кина во следните неколку години, рече претседателот на компанијата Вилијам Лу за време на презентацијата на производите на Xiaomi на Светскиот конгрес за мобилни телефони (MWC) во Барселона.
Иако тој не прецизираше конкретна временска рамка за почеток на продажбата надвор од Кина, неговите коментари ги истакнуваат амбициите на кинеската технолошка компанија да се позиционира на глобалниот пазар на електрични возила и да стане конкурент на големите производители како Tesla.
„Не можам да споделам премногу детали, но возбуден сум што можам да им кажам на нашите глобални корисници дека Xiaomi ќе лансира електрични возила за продажба на светските пазари во следните неколку години“, рече Лу.
Минатата недела Xiaomi го лансираше своето прво премиум електрично возило во Кина наречено SU7 Ultra, со почетна цена од 529.000 кинески јуани (69.859,91 евра). Лу рече дека добиле 15.000 нарачки за 24 часа за автомобилот и тој ќе биде изложен на штандот на компанијата во MWC.
Ова е само втор електричен автомобил на Xiaomi откако во 2021 година објави дека ќе започне со нивно производство. Првото возило на компанијата, наречено SU7, беше лансирано минатата година во март. Компанијата, која е позната по производство на паметни телефони, ги продава своите електрични возила само во Кина, но е трет по големина продавач на паметни телефони во светот.
SU7 на Xiaomi беше успешен, а компанијата испорача повеќе од 100.000 возила минатата година, пренесува CNBC.
Успехот на EV на Xiaomi, заедно со закрепнувањето на продажбата на паметни телефони, помогнаа акциите на компанијата, кои котираат во Хонг Конг, да се зголемат за речиси 300 проценти во изминатите 12 месеци.
Компанијата со седиште во Пекинг сака да ја искористи таа популарност со производство на нов телефон од високата класа, Xiaomi 15 Ultra, кој беше претставен во неделата. Тие се надеваат дека овој телефон ќе им помогне да го надминат Samsung на светскиот пазар. Почетната цена на мобилниот телефон Xiaomi 15 Ultra е 1.499 евра.











