Канада и Кина најавија одговор на американските царини

И Канада и Кина веќе го објавија својот одговор на американските царини кои стапија на сила денеска.
Двете земји ќе воведат нови царини за американските производи. Соединетите Американски Држави претходно воведоа царини од 25 отсто за увоз од Мексико и Канада и 20 отсто за целиот увоз од Кина кои стапуваат на сила денеска.

Како одговор, Кина  објави царини од 15 отсто за увоз на одредени земјоделски производи од САД, вклучувајќи кокошки, пченица, пченка и памук. Воведе царини од 10 отсто за други, како што се соја, свинско, говедско месо, овошје, зеленчук и млечни производи. Тарифите стапуваат на сила во понеделник, пренесува британски Би-Би-Си.

Канадскиот премиер Џастин Трудо исто така најави одмазднички тарифи, пренесе француската новинска агенција АФП. „Доколку американските тарифи стапат на сила вечерва, почнувајќи од утре (…) Канада ќе одговори со царини од 25 отсто за американска стока вредна 155 милијарди долари“, рече Трудо во понеделникот.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави нови царини на почетокот на својот мандат, а потоа ги одложи до 4 март. Тој во понеделникот пред новинарите во Белата куќа изјави дека веќе нема шанси Канада и Мексико да ги избегнат царините што тој ги воведува на приливот на синтетички дроги и мигранти.

Тој најави и дополнителни царини од 10 отсто за увозот од Кина, со што ќе се зголемат на 20 отсто.

Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џој изјави во понеделникот дека царините се егзистенцијална закана за нејзината земја, ставајќи во опасност илјадници работни места. Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, сепак, рече дека имаат подготвени мерки без оглед на одлуката на Трамп, но ќе мора да почекаат и да видат што ќе се случи.