
Најдобра туристичка година во историјата на Европската унија е 2024 година, кога се забележани повеќе од три милијарди ноќевања во туристичко сместувачки капацитети, објави Евростат.
Заводот за статистика на ЕУ забележува дека споменатиот број на ноќевања претставува зголемување во споредба со 2023 година од 2,2 отсто или 65,4 милиони ноќевања.
Податоците покажуваат значително зголемување од 4,9 отсто (67,2 милиони) на ноќевањата на странски гости во 2024 година, додека бројот на домашните ноќевања е благо намален за 0,1 отсто (1,8 милиони).
Најголем број ноќевања во туристичко сместувачки капацитети е забележан во Шпанија (500 милиони), Италија (458 милиони), Франција (451 милион) и Германија (441 милион), што претставува 61,6 отсто од вкупниот број ноќевања во ЕУ, пренесува Танјуг.
Најмалку ноќевања се забележани во Луксембург (3,4 милиони), Летонија (4,7 милиони) и Естонија (6,6 милиони). Бројот на туристички ноќевања најмногу се зголемил во Малта (за 14,4 отсто) и во Летонија (7,4 отсто), додека намален е само во Луксембург (за 2,7 отсто), Франција (0,6 отсто), Белгија (0,2) и Шведска (0,1).