ЕУ ги укинува даночните олеснувања за корпоративните автомобили со фосилни горива

Целта на Европската комисија е да ја зголеми побарувачката за електрични возила (ЕВ) во корпоративните флоти, а тоа планираат да го постигнат со елиминирање на даночните олеснувања за службените автомобили со бензински или дизел мотори, се вели во нацрт документот на ЕК.

Извршната власт на ЕУ ќе го објави својот акционен план за автомобилската индустрија по едномесечни разговори со секторските директори за да се осигура дека производителите на автомобили во ЕУ можат да ја наелектризираат својата флота и да се натпреваруваат со понапредните американски и кинески ривали.

Производителите на автомобили од ЕУ тврдат дека лансираат нови модели, но дека се слабо прифатени од потрошувачите. Пазарниот удел на електричните возила во Европа падна за еден процентен поен на 13,6 отсто во 2024 година, според Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), но се зголеми на 15 отсто во јануари 2025 година.

Во нацрт-изјавата се вели дека корпоративните флоти сочинуваат околу 60 отсто од регистрациите на нови автомобили во Европската унија.

„За да се обезбеди соодветна употреба на возила со нулта емисија во корпоративните флоти, од клучно значење е да се прекинат погрешните субвенции за возилата со фосилни горива“, се вели во соопштението.

Во нацрт-документот се наведува дека Комисијата ќе предложи законска регулатива за декарбонизација на корпоративните флоти до крајот на годината, со мерки за поддршка на побарувачката за електрични возила, пренесува Ројтерс.

Комисијата, исто така, денеска ќе објави препораки до националните, регионалните и општинските власти за активностите што можат да ги преземат за да се забрза распоредувањето на електричните возила.

ACEA рече дека ограничената инфраструктура за полнење е делумно виновна за слабата побарувачка, со речиси 60 отсто од станиците за полнење во само три земји. Наглото укинување на субвенциите од страна на Германија и недостигот на достапни електрични возила досега, исто така, негативно влијаеше на побарувачката.