Поскапуваат билетите за траект во Грција

Билетите за траект во Грција од 1 мај ќе поскапат за 12 до 15 отсто, се наведува во соопштението на Грчката асоцијација на компании за превоз на патници (SEEN).

Претседателот на SEEN Дионисис Теодоратос за медиумите објасни дека зголемувањето на цените за билетите за траект во Грција е поврзано со новите регулативи на Европската унија (ЕУ) за поморско гориво. Тој додаде дека здружението истражува алтернативни решенија за да го минимизира влијанието врз патниците.

Од 1 мај 2025 година, Средоземното Море официјално ќе стане област за контрола на емисиите на сулфур (SECA). Оваа ознака бара бродовите да користат гориво со содржина на сулфур не повеќе од 0,1 отсто, што е значително пониско од традиционалното гориво. Сепак, овие горива со ниска содржина на сулфур се 35 до 40 проценти поскапи од конвенционалните горива.

– Значаен дел од овие трошоци ќе се рефлектираат во цените на билетите – објасни Теодоратос, додавајќи дека трошоците за гориво претставуваат 45 до 50 проценти од оперативните трошоци на траектот.

Тој објасни дека за секој тон гориво согорен од траект, се испуштаат приближно три тони јаглерод диоксид (CO2). Фериботите кои сообраќаат до Крит и линиите на Јадранот, како што е траектот до Крф, веќе подлежат на оданочување за емисиите на јаглерод, додека линиите до дестинации со помалку од 200.000 жители се привремено ослободени.

– За Крит, каде што важат и двете прописи, се очекува зголемување на цените на билетите за 12 до 15 проценти – рече Теодоратос.

Добрата вест е што билетите за траект до грчките острови може да се купат преку Интернет, што значи дека ако се купат сега, старите цени сè уште важат.