Тарифите на Трамп се виновни за негативната недела на Волстрит

Индексите на њујоршката берза ја завршија изминатата трговска недела со пад и покрај растот од петокот, поради тарифната политика на американскиот претседател Доналд Трамп, која се менуваше од ден на ден.
Ваквите услови ќе траат најмалку до 2 април, кога Трамп најави воведување реципрочни царини со целиот свет.

Индексите веќе паднаа во понеделникот во очекување на воведувањето царини на увозот од Мексико и Канада во вторник, при што Dow Jones загуби 1,48 отсто, S&P 500 падна за 1,76 отсто, а Nasdaq за 2,64 отсто.

За негативното расположение придонесе и извештајот на Министерството за трговија за декемвриски месечен пад на трошоците за новоградба за 0,2 отсто.

Во вторникот, кога стапија на сила царините од 25 отсто за увоз од Мексико и Канада, Трамп потврди дека реципрочните царини ќе стапат на сила на 2 април, додавајќи дека истото ќе важи и за увозот на земјоделски производи.

Dow Jones падна за 1,55 отсто, S&P за 1,22 отсто, а Nasdaq за 0,35 отсто.

Трамп во средата се предомисли и одлучи до април да го одложи воведувањето царини од 25 отсто за увоз на автомобили од Канада и Мексико, па индексите напредуваа. Dow Jones порасна за 1,14 отсто, S&P 500 за 1,12 отсто, а Nasdaq за 1,46 отсто. Секој кој има увид во одлуките на Трамп може да заработи добри пари обложувајќи се на берзата.

Инвеститорите на берзата повторно беа претпазливи за царините во четвртокот, бидејќи Министерството за трговија објави рекорден трговски дефицит во јануари, кој се зголеми за 34 отсто од декември на 131,4 милијарди долари. Трамп ова му го припиша на неговиот претходник Џо Бајден и најави дека неговите тарифи ќе поправат сè.

Индексите пораснаа во петокот, меѓу другото, затоа што извештајот на Министерството за труд за стапката на вработеност и невработеност не откри сериозни последици од политиката на Трамп за отпуштање федерални вработени. Во февруари се отворени 151.000 нето нови работни места, што е помалку во однос на претходните месеци и години, а стапката на невработеност е благо зголемена.

S&P 500 напредуваше за 31,68 поени или 0,6 отсто во петокот, Dow Jones напредуваше 222,64 поени или 0,5 отсто, а Nasdaq напредуваше 126,97 поени или 0,7 отсто.

Од почетокот на оваа година, S&P 500 падна за 111,43 поени или 1,9 отсто, Dow Jones напредуваше за 257,50 поени или 0,6 отсто, а Nasdaq падна за 1.114,57 поени или 5,8 отсто.