Една од најголемите атракции во Париз се затвора на пет години

Една од најпознатите атракции во Париз, центарот Помпиду, ќе ги затвори вратите на на 10 март на пет години. Причината, како што се наведува, е сеопфатна реконструкција и модернизација.

Центарот Помпиду, икона на модерната уметност и култура, познат по својот индустриски дизајн и надворешноста со видливи цевки, ќе претрпи целосно реновирање до 2030 година.

Помпиду е еден од најпознатите културни и уметнички центри во Париз, сместен во срцето на градот, во близина на областа Ле Мара.

Отворен во 1977 година, овој уникатен комплекс обедини музеј на модерна уметност, библиотека, кино и простори за изведба под еден покрив.

Центарот Помпиду, кој привлекува над 3,2 милиони посетители годишно, се соочува со технички предизвици. Ова го вклучува, пред сè, отстранувањето на азбестот, опасен по здравјето материјал кој некогаш се користел во градежништвото.

Исто така, новиот концепт подразбира намалување на емисиите на јаглерод, бидејќи досега е забележана висока потрошувачка на енергија за греење и ладење.

Дополнително, ќе се зајакнат безбедносните мерки поради постојаната закана од тероризам во Европа.