
По шокот од пандемијата, економската активност во Германија веќе три години е под нивото од 2019 година, соопшти Институтот за германска економија во Келн. Во услови на пандемијата на ковид-19, војната во Украина и другите геополитички пресврти, германската економија загуби 735 милијарди евра во последните пет години. Ова го покажува студијата на Институтот за германска економија во Келн (ИВ), чии извадоци цитира Ројтерс.
Според извештајот, економските загуби ги надминале сите претходни кризи во последните 25 години. Во периодот 2001-2004, тие изнесувале 3,4% од БДП, додека по финансиската криза од 2008-2009 година биле 4,1%. Денес, загубите достигнуваат 4,3% од БДП, што ја прави оваа криза најтешка за Германија од нејзиното повторно обединување.
Вкупните загуби во приватната потрошувачка се проценуваат на 470 милијарди евра, што е околу 5.600 евра по жител.
„Коронавирусот и војната во Украина речиси целосно ја парализираа инвестициската активност на компаниите. Ова ќе го намали производствениот потенцијал на Германија уште многу години“, предупредува Мајкл Греминг, економист во IW.