Тарифните закани повторно ги плашат инвеститорите на Волстрит

Цените на акциите паднаа на Волстрит во вторникот втор ден по ред, бидејќи инвеститорите стравуваат дека војната со тарифи меѓу САД и нивните најголеми трговски партнери ќе и наштети на економијата.

Индексот Dow Jones падна за 1,14 отсто, на 41.433 поени, S&P 500 падна за 0,76 отсто, на 5.572 поени, а индексот Nasdaq за 0,18 отсто, на 17.436 поени.

По остриот пад во понеделникот, во вторник наутро, според движењето на фјучерс индексите, се чинеше дека пазарот ќе се стабилизира. Но, тоа не се случи бидејќи уште еднаш се чинеше дека ќе избие тарифна војна меѓу САД и Канада.

Канадските власти, пишува Хина, се заканија дека ќе воведат специјална такса за извоз на електрична енергија во САД, а како одговор на тоа, американскиот претседател Доналд Трамп најави зголемување на царините за увоз на железо и алуминиум од Канада од 25 на 50 отсто.

Иако канадските власти подоцна ја отфрлија специјалната давачка, а Вашингтон се откажа од зголемувањето на тарифите, на пазарот сè уште преовладува неизвесност бидејќи постојаното менување на тарифите може да им наштети на економијата и довербата на потрошувачите и инвеститорите.

„Ова предизвикува нервоза и загриженост на пазарот, па во последните денови се тргува на принципот „прво продаде, прашај зошто подоцна“, вели Кен Полкари, стратег во SlateStone Wealth.