ЕУ во 2024 година извезла железо и челик во вредност од 77,8 милијарди евра

Европската унија лани извезла железо, челик и сродни производи во вредност од 77,8 милијарди евра и увезла 73,1 милијарди евра, што резултирало со трговски суфицит од 4,7 милијарди евра, покажуваат податоците на Евростат, статистичкиот завод на ЕУ. Ако го споредиме ова со 2019 година, јасно е дека тргувањето со овие производи е значително зголемено. Извозот е зголемен за 10,3 милијарди евра или 15,2 отсто, а увозот за 14 милијарди евра или 23,7 отсто.

Статистичарите констатираа дека порастот на цените се случил и покрај тоа што тежината на увозот и извозот е помала за 1,6 отсто, односно 17,3 отсто. Значи, повеќе производи не се увезувале, само се зголемувале цените.

Оваа година ситуацијата би можела да биде значително поинаква со оглед на тарифите на американскиот претседател Доналд Трамп.

Новите тарифи стапија на сила денеска. Нивната цел е да ги заштитат американските производители на челик и алуминиум на домашниот пазар и наметнаа царини од 25 проценти на целиот увоз на овие метали, како и на стотици преработени производи направени од овие материјали – од мали стоки како завртки и навртки, до алати, машини, делови од булдожер и лименки.

Европската комисија веднаш реагираше и најави дека од следниот месец ќе започне со воведување сопствени царини за американските стоки, иако се очекува целосната сила на контрамерките на Брисел да пристигне до средината на април.

Eurostat

Трговија со железо и челик и сродни производи во ЕУ, 2019 и 2024 година, Фото: Еуростат

Според трговските податоци, извозот на железо и челик во ЕУ минатата година е зголемен за 9,9 отсто, во износ од 32,3 милијарди евра, во споредба со 2019 година, кога изнесуваше 29,4 милијарди евра. Истовремено, увозот на истите производи е поголем за 19,7 отсто и достигна 39,5 милијарди евра. Но, гледано по тежина, и увозот и извозот се намалени за 4,1 отсто, односно 14,6 отсто.

Кога станува збор за предмети од железо и челик, ситуацијата е слична. Вредноста на извозот на ваквите ставки е 45,5 милијарди евра, што е раст од 19,3 отсто во однос на 2019 година, додека вредноста на увозот е 33,6 милијарди евра, што е за 28,7 отсто повеќе. Сепак, извозот по маса е намален за 26 отсто, а увозот е зголемен за 10,1 отсто.

Турција беше еден од главните партнери за извоз и увоз на железо и челик во 2024 година. Таа е на прво место по извоз со вкупно 6,2 милијарди евра и трето по увоз со 3,5 милијарди евра. САД беа втор најголем извозен партнер, со извозна вредност од 5,4 милијарди евра. Потоа следува Обединетото Кралство со четири милијарди евра, Швајцарија со 2,1 милијарди евра и Мексико со 1,7 милијарди евра.

Од друга страна, Индија е на прво место кога станува збор за увоз, 3,9 милијарди евра. Следува Јужна Кореја со 3,6 милијарди евра, па Кина со 3,5 милијарди евра и Велика Британија со 3,2 милијарди евра.

Помеѓу 2019 и 2024 година, извозот на железо и челик во Мексико се зголеми за 54,1 отсто и во САД за 51,1 отсто, додека увозот од Индија се зголеми за 89,2 отсто и од Јужна Кореја за 43 отсто.

Кога станува збор за производите од железо и челик, ЕУ извезла овие производи во САД во вредност од осум милијарди евра, што е за 45,1 отсто повеќе во споредба со 2019 година. На второ место е Обединетото Кралство со 6,3 милијарди евра, а на третото место е Швајцарија со 3,5 милијарди евра.

Во однос на увозните партнери, Кина беше убедливо лидер со производи од железо и челик во вредност од 12,5 милијарди евра, што претставува 37,3 отсто од вкупниот увоз на овие производи во 2024 година, додека извозот во Кина изнесува 2,8 милијарди и се наоѓа на петтото место. На второ место по увоз е Турција со 4,6 милијарди евра, потоа Велика Британија со 2,9 милијарди евра, САД со две милијарди евра и Индија со 1,7 милијарди евра.

Податоците открија дека увозот од Турција, Индија и Кина е значително зголемен од 2019 година. Увозот од Турција е зголемен за 82,4 отсто, од Индија за 40,5 отсто, а од Кина за 37 отсто.