Извршниот директор на Фолксваген лани заработил 10,35 милиони евра

Извршниот директор на Volkswagen (VW) и Porsche, Оливер Блуме, минатата година заработи повеќе и покрај тоа што се откажа од дел од својата плата. Со пензиски придонеси и бонуси за повеќе години, тој во 2024 година доби речиси 10,35 милиони евра.

Тоа е за 6,5 отсто повеќе од претходната година, кога заработи 9,7 милиони евра, се вели во деловниот извештај на групацијата. Вкупната плата се состои од приходи од VW и нејзината подружница Порше. Блуме е на чело на двете компании.

Блуме, како и целиот одбор на директори на концернот, се откажа од пет отсто од фиксната плата во Фолксваген во 2024 година, па основната плата му беше намалена од 1,3 на 1,235 милиони евра, пренесува агенцијата ДПА.

Променливиот дел од платата во VW исто така беше нешто помал од претходно. Меѓутоа, во исто време, приходите на Блуме во друга компанија – Порше – се зголемија.

Вкупно деветте членови на раководството на концернот заедно заработиле околу 40 милиони евра. Во наредните години се планирани големи намалувања.

Во текот на оваа и следната година, членовите на раководството се откажуваат од 11 отсто од вкупниот приход. Со непроменети плати тоа значи заштеда за концернот од повеќе од четири милиони евра годишно.

После тоа, намалувањата постепено ќе се укинуваат.