Цената на златото достигна рекордно ниво

На повеќето aзиски берзи цените на акциите денеска пораснаа, по остриот пад во претходните денови, а поради неизвесноста на инвеститорите на финансиските пазари, цената на златото достигна рекордни нивоа.

Поради ескалацијата на тарифната војна, инвеститорите бараат побезбедно засолниште за капиталот, па цената на златото од почетокот на неделата се зголеми за 2,6 отсто и утринава достигна рекордно ниво – 2.990 долари за унца.

Индексот MSCI на азиските акции беше во плус 0,4 отсто во 7 часот. Јапонскиот индекс Никеи порасна за 0,9 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,5 и 2,4 отсто. Во Јужна Кореја, сепак, тие паднаа.

Зголемена е вредноста на доларот
А на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути е зголемена. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 103,98 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 103,60 поени.

Курсот на доларот во однос на јапонската валута се зголеми од вчерашните 147,75 на 148,60 јени. Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0845 долари, додека вчера во овој момент изнесуваше 1,0885 долари.

Цените на нафтата сепак пораснаа по вчерашниот пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава порасна за 0,60 отсто, на 70,30 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,66 отсто, на 66,95 долари.