Салвини: Брисел воведе царини што им штетат на цели сектори во Италија и Европа

Италијанскиот вицепремиер и министер за транспорт Матео Салвини  изјави дека единствените тарифи што им штетат на цели сектори во Италија и Европа се оние што ги наметнува Брисел.

Зборувајќи за најавените царини на американскиот претседател Доналд Трамп за европските стоки, Салвини рече дека „неопходно е да се работи за да се избегне штета на италијанската економија со директно обраќање до Трамп и САД, а не преку (францускиот претседател Емануел) Макрон или (претседателката на Европската комисија Урсула) Фон дер Лајен“, објави Анса.

„Разбираме дека Трамп ја користи заканата од царини за да постигне економски и комерцијални договори, тоа го направи со други“, рече Салвини на настан во Анкона организиран од десничарската партија Лига, која тој ја предводи.

Како што рече, Италија треба директно да работи со Трамп.