
Volkswagen и неговиот долгогодишен партнер FAW Group планираат да лансираат 11 нови модели исклучиво за кинескиот пазар во обид да го вратат опаѓачкиот удел на најголемиот светски автомобилски пазар.
Новата гама на возила вклучува шест електрични автомобили (EVs), два plug-in хибриди и две електрични возила со продолжен опсег под брендот Volkswagen. Првите модели ќе пристигнат на кинескиот пазар од 2026 година, додека првиот електричен модел на брендот Jetta ќе биде лансиран веќе следната година, со фокус на достапните ЕВ модели наменети за почетниот пазарен сегмент, пишува Bloomberg.
Фолксваген објави дека новите модели ќе имаат напредни дигитални карактеристики, вклучувајќи автономно возење и можност за ажурирање на софтверот преку интернет. Покрај електрификацијата, компанијата планира да ги интегрира своите технологии за мотори во идните верзии на возила со внатрешно согорување, plug-in хибриди и модели со продолжен опсег.
Германскиот гигант се обидува да го врати пазарниот удел изгубен од домашните кинески производители како BYD, кој произведува високотехнолошки EV модели популарни кај кинеските купувачи. Фолксваген, матичната компанија на брендовите Ауди, Шкода и Порше, забележа пад на глобалните испораки минатата година, вклучително и пад од 9,5 отсто во Кина, каде конкуренцијата е пожестока, а економската несигурност ги оптоварува потрошувачите.
За побрзо да се прилагоди на барањата на кинескиот пазар, Фолксваген создаде нова технолошка платформа прилагодена исклучиво за Кина, изјави шефот на Кина на Фолксваген, Ралф Брандштетер.











