
На ЕУ и треба фонд за стабилизација на инфраструктурата за да ги поттикне јавните инвестиции во нови технологии, напишаа во писмото до претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, европскиот концерн за воздухопловство Ербас, француската софтверска компанија Дасо системс и група европски технолошки компании и лобисти.
Случувањата во САД и ЕУ и трговските мерки на САД покажаа дека Европа мора итно да преземе акција за да ја зачува стратешката автономија во клучните сектори, се наведува во писмото.
„Европа мора повторно да преземе иницијатива и да ја намали технолошката зависност во сите аспекти на клучната дигитална инфраструктура, од логичката – апликации, платформи, медиуми, рамки и модели за вештачка интелигенција – до физички – чипови, компјутери, складирање и поврзување“, се вели во отвореното писмо од 14 март, кое го виде Ројтерс.
„Сегашната повеќекратна зависност на Европа создава ризици за безбедноста и сигурноста, го загрозува нашиот суверенитет и му штети на нашиот раст“, истакнаа тие.
Фондот за стабилизација на инфраструктурата треба, велат, да има клучна улога во финансирањето на амбициозната цел за независност, особено во делови од синџирот на вредност за кои се потребни големи инвестиции, како што се квантната технологија и чиповите.
Во исто време, европските влади треба да се залагаат за политика заснована на принципот „купи европски“ во јавните набавки за да се стимулира побарувачката и да се охрабрат компаниите да инвестираат.
„Целта не е да се исклучат играчите од земји надвор од Европа, туку да се создаде простор во кој европските добавувачи можат легитимно да се натпреваруваат (и да ги оправдаат инвестициите)“, се вели во него.
Писмото, меѓу другото, го потпишаа и француската државна инвестициска банка BPI France, француската компанија за услуги за складирање податоци OVH Cloud и нејзините колеги во други земји на ЕУ, како и Европскиот софтверски институт, Европската мрежа за стартување, германската асоцијација за вештачка интелигенција и Амстердамската интернет берза (AMS-IX).