Гејтс бара од администрацијата на Трамп да продолжи да финансира здравствени програми

Американскиот филантроп Бил Гејтс лично лобираше до претставниците на администрацијата на Трамп да продолжат да финансираат здравствени програми ширум светот и предупреди дека неговата фондација не може да ги покрие сите трошоци направени поради намалувањата на Вашингтон.

Гејтс се состана со претставници на Советот за национална безбедност, како и со пратеници од Демократската и Републиканската партија, во последните недели за да апелира финансирањето да продолжи, пишува Ројтерс, цитирајќи два анонимни информирани извори.

Тој во таа прилика нагласи дека неговата фондација не може да ја замени улогата што ја игра владата на Соединетите држави.

Портпаролот на фондацијата Гејтс потврди дека Бил Гејтс неодамна бил во Вашингтон за да разговара со креаторите на политиката за „влијанието за спасување на животите“ на американската помош и за потребата од стратешки план за заштита на најранливите во светот.

Приоритетите на фондацијата Гејтс, како што се искоренувањето на детската парализа и борбата против маларијата, се изложени на ризик поради намалувањата од новата администрација.

Гејтс, наводно, се залагал и САД да продолжат да ја поддржуваат Светската здравствена организација.

Набргу по неговата инаугурација на 20 јануари, американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ја распушти американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) и да ја замрзне помошта од милијарди долари за сите програми, вклучително и помош за најмалку развиените земји во снабдувањето со храна и превенција од болести, потсетува британската агенција.