
Морган Стенли планира да отпушти околу 2.000 вработени подоцна овој месец, што е прво големо намалување на работната сила под новиот извршен директор Тед Пик.
Отпуштањата ќе бидат спроведени низ целата компанија, освен за околу 15.000 финансиски советници, според извори запознаени со планот. Банката, која има околу 80.000 вработени, ја донела оваа одлука пред пазарите да станат нестабилни, тврдат истите извори, пренесува Блумберг.
Целта на овие отпуштања е да се намалат трошоците, имајќи предвид дека компанијата има минимален природен промет на вработените. Портпаролот на њујоршката банка одби да ги коментира овие информации.
Морган Стенли се приклучува на низата отпуштања на Волстрит бидејќи финансискиот сектор се соочува со неизвесна економска перспектива. Ривалската банка Голдман Сакс го забрза својот редовен годишен бран на отпуштања и планира да ја намали својата работна сила за три до пет проценти оваа пролет.
Откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД во ноември, банкарите очекуваа пораст на деловната активност, но тоа допрва треба да се материјализира бидејќи клиентите се борат со тарифите и другите политички промени.
Претходно оваа недела, американскиот министер за финансии Скот Бесент рече дека не е загрижен поради падот на пазарот кој збриша трилиони долари во вредноста на акциите, додавајќи дека „корекциите се здрави и нормални“.
Некои од отпуштањата се поврзани со поединечните перформанси на вработените, додека други се резултат на промените на локациите каде што компанијата заснова дел од својата работна сила. Помал дел од отпуштањата доаѓаат како резултат на автоматизација и поголема употреба на вештачка интелигенција, што ќе игра се поголема улога во намалувањето на бројот на вработени во наредните години, тврди еден од изворите.
Акциите на Morgan Stanley паднаа за шест отсто од почетокот на годината, што е најлошото остварување меѓу големите американски банки. Пик ја презеде функцијата извршен директор на почетокот на 2024 година, а од јануари оваа година стана и претседател на компанијата.











