ЕУ треба да биде подготвена за царинска уцена во ерата на Трамп

Европа треба да биде подготвена на сè, вклучително и обиди да се користат тарифите како оружје и уцена, предупреди  претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.

Во Европскиот парламент, Лагард, одговарајќи на прашања од пратеници за ефектите од политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, рече дека „стратегиите на другите за консолидирање, слабеење, зајакнување, преместување на производството, користење на царините како оружје, уцена“ треба да ја зајакнат решеноста на ЕУ да биде силна.

Зборувајќи пред членовите на Комитетот за економски и монетарни прашања на ЕП, пред заминувањето на состанокот на Европскиот совет, таа рече дека ЕЦБ проценува дека едностраните американски царини ќе ја погодат стапката на раст на еврозоната за 0,3 процентни поени во првата година и за дури 0,5 поени ако ЕУ возврати во натура.