
Бакарот го надмина „клучниот праг“ од 10.000 долари за тон по неколкунеделни нарушувања во глобалната трговија предизвикани од напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини, меѓу другото, на важниот индустриски метал.
Трамп минатиот месец му нареди на Министерството за трговија да го испита увозот на бакар во земјата, што беше протолкувано како веројатен чекор кон воведување царини. Оттогаш, цените во Соединетите Американски Држави (САД) се зголемија, а трговците се обидуваат да го испорачаат металот во Америка пред да стапат на сила тарифите, што пак ја намали достапноста на суровината во остатокот од светот, пишува Блумберг.
Цената на бакарот на Лондонската берза за метали се зголеми за 0,6% до 10.046,5 долари за тон во четвртокот – највисоко ниво од октомври – додека цената на одделот Comex на Њујоршката трговска берза се приближи до рекордно високо ниво.
– Ова е серија ценовни промени на глобално ниво предизвикани од потенцијалните американски царини. Испораките се насочени кон САД, оставајќи ги другите региони во недостиг. Побарувачката е многу силна – рече Веи Лаи, заменик-шеф за трговија во Zijin Mining Investment Шангај.











