
Цените на нафтата се зголемија во петокот и се на пат за втор последователен неделен пораст, поттикнати од новите американски санкции кон Иран и планот на Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници (ОПЕК+) за намалување на производството, што ги зголеми очекувањата за презаситеност на понудата.
Фјучерсите на суровата нафта брент поскапеа за 14 центи на 72,14 долари (66,48 евра) за барел. Фјучерсите на американската „Вест Тексас интермедит“ (WTI) поскапеа за 16 центи на 68,23 долари (62,89 евра) за барел.
На неделна основа, и Brent и WTI се на пат да пораснат за околу два отсто, што би било нивна најголема неделна добивка од првата недела на 2025 година.
Американското Министерство за финансии во четвртокот објави нови санкции поврзани со Иран, според Ројтерс, во кои за прв пат е вклучена независна кинеска рафинерија, заедно со други субјекти и бродови вклучени во снабдувањето на Кина со иранска сурова нафта.
„Санкциите врз кинеските субјекти се јасна ескалација на политиката на санкции. Иако физичките ефекти се минимални, ние веруваме дека е оправдано да се земе предвид зголемениот ризик“, велат аналитичарите на RBC Capital Markets во белешката во петокот.
Ова е четврти круг санкции против Иран откако американскиот претседател Доналд Трамп во февруари вети дека повторно ќе воведе кампања за „максимален притисок“ врз Техеран, со цел да се намали извозот на нафта од Иран на нула.
Аналитичарите на ANZ Bank проценуваат дека поради построгите санкции, извозот на иранска сурова нафта може да падне за еден милион барели дневно. Според податоците од службата за следење бродови Кплер, извозот на иранска сурова нафта надмина 1,8 милиони барели дневно во февруари.
Цените на нафтата беа дополнително поддржани од новиот план на ОПЕК +, објавен во четвртокот, според кој седум членки дополнително ќе го намалат производството за да го надоместат претходното надминување на договорените квоти. Планот предвидува намалување меѓу 189.000 и 435.000 барели дневно на месечна основа, а ќе трае до јуни 2026 година.











