Заработка од 1.000 до 3.000 евра: Потрага за сезонски работници на Јадранот, кои работници се најбарани?

Додека пазарот на трудот во Македонија се соочува со недостиг на работна сила во речиси сите професии со пониска квалификација, сезонските работни места во соседните земји стануваат сè поатрактивна опција за нашите работници. Работодавците од овие земји веќе активно бараат кадар  со цел да бидат подготвени за летната сезона.

Според проекциите на хрватските експерти и синдикати, оваа година на Хрватска ќе ѝ недостигаат меѓу 55.000 и 65.000 сезонски работници во туризмот и угостителството.

Слична е ситуацијата и во Црна Гора, каде што Стопанската комора проценува дека ќе бидат потребни околу 20.000 сезонски работници. Само во Будва, според Здружението на угостителски работници, ќе бидат потребни најмалку 8.000 сезонски работници во туризмот и угостителството.

Најголема побарувачка има во угостителството, каде се бараат келнери со плати од 1.000 до 1.500 евра, шанкери кои можат да заработат од 1.100 до 1.600 евра месечно, како и рецепционери со плати од 1.000 до 1.400 евра. Посебно се ценети слаткарите, а платите се движат од 1.200 до 1.600 евра.

Што се однесува до персоналот во кујната, најголема побарувачка има за готвачи, чии плати се движат од 1.800 до 2.500 евра, додека главните готвачи можат да заработат и до 3.000 евра. Мајсторите за скара може да очекуваат да заработат од 1.400 до 1.900 евра, а барани се и пица мајстори, со плати меѓу 1.900 и 2.500 евра.

Помошниците готвачи заработуваат од 1.400 до 1.800 евра, додека помошниците во кујната може да очекуваат да заработат меѓу 900 и 1.400 евра.

Во хотелиерството има значителна побарувачка за камери и собарки, каде платите се движат од 900 до 1.400 евра. Исто така, хотелските фотографи можат да заработат од 1.000 до дури 3.000 евра, во зависност од искуството и договорените работни места.

Овие позиции моментално се меѓу најбараните, а висината на платата зависи од искуството, вештините и работодавачот. Сезонските работни места во туризмот даваат можност за солидна заработка, а многу работодавци дополнително обезбедуваат сместување и оброци, што значително ги намалува трошоците за вработените.